Во Кривичниот суд за денеска е закажано рочиште за еден од обвинетите во предметот „Шпион“, за кого Апелацискиот суд ја уважи жалбата и случајот го врати од почеток. Предметот „Шпион“ го презеде Специјалното јавно обвинителство.

Скопскиот Апелациски суд во октомври 2016 година делумно ги уважи жалбите на обвинетите во предметот „Шпион“ и ја преиначи првостепената пресуда на Основниот суд Скопје 1, во однос на висината на казните.

На обвинетиот Горан Стојков, кој беше осуден на девет години, со одлуката на Апелацискиот суд казната му беше намалена за три години и три месеци.

Петнаесетгодишната казна на обвинетиот Маријан Ефремов му е намалена на 10 години и шест месеци.

Маријан Маџовски доби условна казна, а претходно беше осдуден на затворска казна од 1,5 година. Условна казна доби и Ване Цветанов, кој беше осуден на тригодишна затворска казна.

Во утврдените казни, како што тогаш соопштија од Кривичниот суд, се засметува и времето кое обвинетите го минале во притвор или куќен притвор.

За случајот „Шпион“ беа обвинети 18 лица за злосторничко здружување, шпионажа, злоупотреба на службената положба, уцена, измама и недозволено поседување на оружје.

Во завршните зборови обвинетите тврдеа дека не се виновни и побараа од Судот да ги ослободи од кривична одговорност.