Не треба да се надеваме дека решението на проблемот за името ќе дојде само по себе, туку треба да направиме се до него да се дојде. Ако ја изгубиме и следната година, наскоро ќе бидеме во ситуација сите соседи да ни се во НАТО и ЕУ, а ние да останеме изолиран остров и проблемот се уште да постои.

Ова за МИА го изјави Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика, по повод последната рунда разговори за името на медијаторот Метју Нимиц со преставниците на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адемантиос Василакис, што се одржаа завчера во Брисел.

Според неа, климата е подобрена и во НАТО и во ЕУ, а Македонија се врати на реформската патека.

– Околностите за изнаоѓање решение за проблемот се подобрени, но не се сјајни. Но, тешко се враќаат изгубените позиции на меѓународен план, внатрешниот политички баланс е кревок, при што отежнато ќе биде градењето внатрешен консензус по тоа прашање, вели Ристевска-Јорданова.

Таа оценува дека треба да се внимава да се дојде до решение кое сепак ќе биде прифатливо за Македонија, а нема да биде доживеано како пораз.