Потребно е да се вложат сите напори во процесот на преговорите меѓу Македонија и Грција за да се најде взаемно прифатливо решение околу спорот со уставното име, кое ќе ги заштити идентитетот и дигнитетот на граѓаните на Република Македонија.

Ова за МИА го изјави поранешниот амбасадор во САД и долгогодишен преговарач во спорот со Грција за името Зоран Јолевски, давајќи осврт на првата средба на медијаторот Метју Нимиц и преговарачите на Македонија и Грција, Васко Наумовски и Адемантиос Василакис, по застојот од три години.

Смета дека е важно да се даде можност на овој процес, претстојниот временски период е поволен и треба да се искористи, со оглед на најавените активности во ЕУ, како Стратегијата за проширување на Жан Клод Јункер во февруари, извештајот на ЕК во април, состанокот во мај во Софија, но и самитот на НАТО во јули.

Овој придвижувачки бран на меѓународната сцена пред поголеми случувања од меѓународен карактер не е нешто невообичаено, па така е и во случајот со спорот меѓу двете земји. Јолевски, кој беше македонски преговарач од ноември 2008 до јуни 2014 година, како позитивна ја оценува и најавата дека преговарачите секој месец ќе се сретнуваат со медијаторот Нимиц.