Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи рочиште за случајот „Тарифа“. Специјалното јавно обвинителство за овој случај сомничи седум лица поради постоење основано сомнение дека е извршена злоупотреба на службената положба во постапка по јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ.

Според обвинението, осомничените со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице- конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.

Вредноста на склучениот договор за јавна набавка бил над четири милиони евра, а причинетата штета, според обвинителството, изнесува 456 илјади евра.