Владата има минимум простор за грешка. Очекувањата на граѓаните се големи, тие јасно порачаа дека сакаат нова пракса и нови политики. Само со суштинско владеење на правото и еднаков пристап на правдата до сите, со бескомпромисна борба против корупцијата, транспарентни институции и отворено носење одлуки, можеме да ја вратиме довербата кај нив, рече премиерот Зоран Заев на денешната конференција „Патот понатаму на Република Македонија“.
Како што истакна Заев, граѓаните веќе добро знаат дека тие ги избираат лидерите и дека учествуваат во обликувањето на политиките во општеството. Развиена е политичката култура, владите веќе не го држат монополот на донесување одлуки.
– Довербата и односите со граѓаните, граѓанскиот сектор и бизнисот се од суштинско значење за да се испорачаат ефективни политики, но тоа не ги ослободува владите од одговорност – потенцира Заев во обраќањето.
Според него, реформите се нужни, но нивното спроведување не е лесно.
– Наспроти големите очекувања на граѓаните, нужни се краткорочни, некогаш непопуларни одлуки кои мора да се донесат, но мора да бидат и јасно, прецизно аргументирани. Такво беше носењето на мерката за повисока минимална плата. Така е или ќе биде и во многу други области, за што е неопходна поддршката од граѓаните – рече премиерот.
Одредени политичари, дополни, во претходните години избраа политика што дели и разединува, наместо политика што создава доверба. Само Македонија со различности, оцени Заев, ќе биде стабилна и просперитетна.
Осврнувајќи се на вчерашната посета на Брисел, Заев рече дека Македонија блеска во очите на ЕУ што значи голема одговорност.
– Исправени сме пред 2018 година во која по 12 години чекаме датум за почеток на преговорите. Убеден сум дека ако внимателно се однесуваме и посветено работиме, Македонија и тоа како го заслужува местото во меѓународните организации – потенцира претседателот на Владата.
Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби рече дека Македонија не смее да импровизира демократија.
– Нема демократија ако се контролира судството, ако се контролираат медиумите и граѓанскиот сектор, ако вработувањата се по партиски клуч. Ни треба обединета, една Македонија, сон, наместо несоница, чекор напред, а не во празно и назад. Ни треба Македонија исправена кон иднината – рече Груби, додавајќи дека 11 декември значи втора шанса која мора да се искористи.
На конференцијата, панелисти се вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и националниот координатор на НАТО Стево Пендаровски. Учествуваат професори, студенти, граѓански активисти и политичари.
Политичкиот аналитичар Сашо Орданоски му порача на премиерот Заев дека е време, како што рече, да се прибере дома зашто може да стекне доверба во странство, но да ја изгуби тука, во земјава.
Орданоски упати и критики до власта, оценувајќи дека посебно се евидентни два клучни проблема. Првиот е на идејно ниво, а вториот е тоа што партијата внатре не е консолидирана.
– Не сум сигурен дека во СДСМ има внатрешен консензус за многу прашања. Типичен пример за тоа се проблемот со аерозагаденоста и реформите во судството. Партијата е изгубена во магла, прави конфузни чекори кои не даваат решенија. Зачуден сум од дезорганизираноста – истакна Орданоски.
Тој искажа став и во однос на албанските партии. Рече дека се поставуваат кон Владата на политички, но и на математички начин. Пред да дојдат на власт играат политички, а кога ќе станат дел од власта почнуваат математиката и пазарењето, нагласи Орданоски.