Два транспортни повеќенаменски хеликоптери Ми-17 на македонското МВР се пристигнати во Воздухопловниот институт „Мома Станојловиќ“ во Батајница, потврдиле од српското министерство за одбрана за порталот „Танго шест“.

– Имајќи предвид дека станува збор за меѓудржавна работа, не е тешко да се заклучи дека зделката е направена преку компанијата „Југоимпорт СДПР“. Исто така, бидејќи Воздухопловниот институт во Батајница никогаш досега самостојно не работел ремонт на хеликоптерот Ми-17, најверојатно станува збор за тесна соработка со Русија, бидејќи не се работи само за Ми-17, туку од Македонија е испратена понова верзија на овој хеликоптер -Ми-171, пишува порталот „Танго шест“.

Од порталот се наведува дека досега во институтот „Мома Станојловиќ“ работен е ремонт само за хеликоптер Ми-8Т, а вработени учествувале во одредени активности при поправка на два Ми-17 за српската војска во 2010, кога работата ја извршиле руски експерти.

Како што пишува „Танго шест“, одредени искуства од новите верзии на рускиот Ми-17 експертите од Воздухопловниот институт имаат стекнато при модификацијата и модернизацијата на хеликоптерите Ми-17В-5 и Ми-171Ш на воените сили на Ирак кога е извршено надградување на нивните борбени способности, со инсталирање на нова електронска опрема и со вградување на ново оружје.

– Можно е ова да претставува прв конкретен обид на Воздухопловен институт во Батајница да прерасне во регионален центар за поправка на руски хеликоптери на семејството Ми-8 и М-17, што неколкупати досега беше најавувано, како од Русија така и од српските политичари, пишува српскиот воздухопловен портал.

Досега Македонија воените примероци ги ремонтираше во Литванија, додека Унгарија тоа го прави во Русија, а за во Русија се подготвува и Хрватска. Босна и Херцеговина тоа го прави во Украина, додека Бугарија самостојно врши ремонт.