Не станува збор за регулирање, туку најмногу за регистрирање и нотификација. Сметаме дека е невозможно да се спроведе регулирање на овој вид медиуми, вели директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) Зоран Трајчевски.
– Ние како Агенција имаме нарачано истражување во однос на овие нови медиуми за тоа каква е состојбата споредено со другите држави. Требаше да го плати Агенцијата преку јавна набавка меѓутоа добивме одобрение од Советот на Европа и тие ќе го спроведат во еден краток разумен период, можеби до крајот на првото тромесечје од идната година и тогаш ќе имаме објективно, непристрасно мислење од експерти коишто ќе ни понудат не решение, туку ќе ни дадат слика каква е состојбата на ова поле во другите држави, рече Трајчевски на четвртиот и последен јавен состанок за 2017 година на Агенцијата.
Додаде дека се дискутира подолго време за ова прашање, има различни ставови, но има,како што истакна, и минимум прашања за кои постои консензус, а тоа е дека за порталите не е потребна регулација, туку регистрација.
Тој потсети дека веќе во два наврата кажале дека Агенцијата не може да спроведе изборен мониторинг на известувањето што го вршат порталите. Во однос на забелешките дека во најголем дел од порталите нема импресум, Трајчевски вели дека тоа не е предмет на регулација, туку е во рамки на она што сега Агенцијата го прави со печатените медиуми.
Трајчевски на јавниот состанок ги презентираше активностите на ААВМУ за четвртото тромесечје со фокус на медиумскиот мониторинг за локалните избори. Во овој контекст биле поведени вкупно 14 прекршочни постапки за повреди на изборниот закон. Во однос на непочитување на Законот за аудио визуелни медиумски услуги и Законот за медиуми донеле вкупно 13 решенија за мерки опомена по повеќе основи.
До Агенцијата во посочениот извештаен период било доставено едно барање за добивање дозвола за локална радио-станица за подрачјето на Струга, за што, напомена побарана е изработка на студија за утврдување на оправданоста на барањето.
Меѓу другото информира дека Агенцијата донела одлука да го одбие барањето на радио Канал 77 за одземање на лиценцата за работа на ТВ 24 вести. Како што рече Трајчевски, барањето е одбиено поради непостоење на законска причина за опдземање на дозволата на тој радиодизер. Донесена е и одлука со која е дозволена промена на сопстевничката структуира на ТВ Алсат М, како и одлука со која се забранува промена на сопственичката структура на ТВ 24 вести.
Пред присутните беа презентирани и резултатите од Анализата за известувачката рамка во медиумското покривање на теми поврзани со ЛГБТ заедницата. Според Ирена Цветковиќ активист, која е дел од истражувањето, во Македонија се забележува подобрување во однос на застапеноста на теми поврзани со оваа заедница во медиумите, а таа промена, вели, беше создадена по промената на власта.
Така во првите седум месеци од годинава забележани се вкупно 310 новинарски статии во печатените медиуми или прилози во централните изданија на вестите на телевизиите, наспроти по околу 10-тина во 2013 и 2014 година. Жанровски од овие прилози, на вести отпаѓаа 74,8 отсто. Анализата буди и препораки меѓу кои во законите за медиуми да постои санкција за медиуми кои шират говор на омраза со конкретно наведување кон ЛГБТ заедницата.