Мора да се надминат партиските спреги и не може партискиот клуч да биде императив во ангажирањето на кадри, смета премиерот Зоран Заев.

Тој во гостувањето во „Ноќно студио“ на телевизија Телма рече дека се обидуваат секој можен капацитет на кадар што го има државата да го искористат.

– Не може партискиот клуч да биде императив во одлучувањето на било кој даден ангажман. Има многу партиски луѓе која ги водат институциите и тие имаат пристрасност кон своите сопратијци, но во секоја прилика со нашите централни и извршни одбори кажуваме дека мора да ги измениме работите. Не може само една партија да се заменува со друга. Има 70 проценти од луѓето кои не се членови на партии и не ги интересираат партиите и дај боже да го доживееме моментот на западните земји кадешто првата нишка е нормативот, критериумот и принципот, вели Заев.

Во однос на реформите во правосудството, изјавите на судијата Лазар Нанев и изборот на сопругата на членот на ДИК Игор Милев за судика во Апелацискиот суд, Заев истакна дека нема никакво влијание од коалициските партии врз судството и оти најголемата реформа во судството е ако почнеме да се менуваме како луѓе.

– Ниту на Заев, ниту на СДСМ, ниту на коалицијата не им треба некој да им се додворува. Мене и на коалицијата ќе ни помогнат само ако одлучуваат по норми и критериуми, ако судските одлуки се носат согласно Уставот, законот и сопственото убедување на судијата. Тука е најголемата суштина на реформата во правосудството, рече Заев, повторувајки дека ќе биде заменет секој министер или заменик-министер доколку се изврши притисок и влијание врз судството.

Што се однесува до спорот за името со Грција, Заев повтори дека нема нов предлог, но оти на крајот на јануари е договорена нова средба.

– Закажана е нова сесија на крајот на јануари и веројатно секој месец ќе има сесии каде ќе се решава прашањето за името. Јас сум убеден дека тоа треба да го направиме најдоцна до крајот на првата половина на 2018 година, рече Заев, додавајќи дека е убеден оти заедно со грчката страна може да најдат прифатливо решение.