Судењето за предметот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев е одложено за 29 јануари следната година, бидејќи предметот не е пристигнат од Апелацискиот суд кој се уште не одлучил за жалбата за ПИ-мерките во овој случај.

– Ние баравме изземање на судијката и се надевам дека брзо ќе се донесе одлука за да може да продолжи судскиот процес – рече Заев денеска пред Кривичниот суд.

На прашање што очекува од Апелација, Заев одговори дека очекува жалбата да биде прифатена, но како и да одлучи Судот ќе ја почитува одлуката.

– Жалбата е суштествена во самата постапка и се однесува на тоа дали јавно објавените ПИ-мерки во продолжение на рочиштето ќе бидат доказ или не. Јас сакам таа снимка да биде јавно достапна за да може да ја видат сите комплетно, без деловите каде е пресечена заради тоа што не само што сум убеден во добивањето на правдата и потврдувањето на мојата невиност затоа што извршувам висока политичка функција – рече Заев.

Апелацискиот суд Скопје денеска треба да одржи седница на која ќе ја разгледува жалбата на одбраната на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, која бара видеоснимките од посебните истражни мерки (ПИМ) да не бидат користени како доказ во судската постапка за случајот „Поткуп“, во кој Заев е обвинет.

Адвокатите на Заев, претходно, од Кривичниот суд побараа да ги издвои овие снимки од доказниот материјал, но Судот го одби нивното барање и донесе решение тие да бидат доказ, по што поднесоа жалба до Апелацискиот суд.

Одбраната и Заев бара снимките да не бидат доказ бидејќи веќе биле објавени во јавноста, односно делови од нив биле ставени на видеосервисот „Јутјуб“, а потоа преземени и објавени од медиумите.

Заев во случајот „Поткуп“ е осомничен за барање и за земање поткуп во висина од околу 160 илјади евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов-Сачевалиев, во врска со легализација на земјиште.