Прашањето со името треба да се реши. Северна, Горна или Нова Македонија, за тоа народот треба да си каже. За мене Северна, Горна и Нова е прифатливо, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев во саботното издание на емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Според него, решавањето на името е и внатрешно прашање и тоа се поврзува и со економијата, бидејќи ако за економски просперитет треба покрај економски мерки да има и владеење на правото и стабилна политичка состојба, а за тоа Македонија треба да биде членка на ЕУ и НАТО.
– Сите предуслови за тоа да можете да го направите е да најдете решение и компромис за името. Свесен сум дека тоа мора да се реши. Оваа Влада има капацитет и отвореност да разговара на оваа тема, гледаме дека има позитивни сигнали и од меѓународната заедница, вклучително и од грчката страна. Црвената линија за којашто не треба да се попушти е идентитетот, македонскиот идентитет, јазикот… и дека за името треба да направиме една одредница којашто ќе биде интернационално прифатлива. Значи јас сум на мислење дека треба да се реши тоа прашање. Северна Горна или Нова Македонија, тоа народот ќе си каже. За мене и Северан и Горна и Нова е прифатливо, рече Анѓушев.