За 31 јануари следната година е одложено судењето за предметот на СЈО „Траекторија“. На денешното рочиште не присуствуваше поранешниот премиер и доскорешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој како што рече судијата Горан Бошевски, уредно бил поканет. Груевски пристигна во судот 15-тина минути, откако рочиштето беше одложено.
Во случајот „Траекторија“ обвинети се Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Тие се осомничени дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево - Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.
Ново рочиште за „Траекторија“ судијата закажа и за 14 февруари.