„На 18 декември 2003 година, претседателот Борис Трајковски се обрати од ова исто место. Во неговото годишно обраќање тој истакна дека загрижуваат „сигналите на политички реваншизам, што се видливи во процесот на рационализацијата на администрацијата или во полициско-судските постапки, кога се добива впечаток дека политичките убедувања на луѓето дополнително ја отежнуваат нивната положба.“

Поразително е што денес, 14 години подоцна, ја имаме речиси истата состојба. Наместо со проекти да се натпреваруваат за довербата на гласачите, нашите политички партии се доживуваат како смртни непријатели. Тоа доведе до длабока партизација и поларизација на целото општество.

На граѓаните им е потребно помирување, наместо реваншизам. Барањето на граѓаните е и мое барање.“ - истакна Претседателот Иванов на годишното обраќање во Собранието на Република Македонија.

„Неопходна е и беспоштедна борба против корупцијата и организираниот криминал. Секој треба да биде одговорен за своите постапки, бидејќи праведното општество се гради со одговорност која не е безлична и општа, туку лична и конкретна. Од друга страна, нашите затвори се преполни, а условите во нив се очајни. Сето ова зборува за состојбата на нашиот правосуден систем.

Во тек се реформите во судството кои треба да се спроведуваат со еминентни, објективни и независни експерти, врз кои нема да се вршат партиски влијанија и притисоци. Само така ќе изградиме независно судство што ќе овозможи вистинско владеење на правото. Без сузбивање на криминалот и на корупцијата, на паразитската бирократија и клиентелизмот ние не можеме да градиме иднина за Република Македонија.

Но, треба да внимаваме правдата да не ја сведеме на политички реваншизам и лична одмазда. Бидејќи, одмаздата води кон нова омраза.

Неопходно е да биде утврдена одговорноста и за оние кои го предизвикале насилството во Собранието на 27 април. Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Освен обврски, граѓаните имаат и права кои мора да се почитуваат – правото на одбрана, имунитет и презумпција на невиност кои се во основата на секоја демократија. За жал, видовме пратеници со лисици без симнат имунитет и граѓани од „Заедничка Македонија“ обвинети за тероризам. Не можам, а да не ги поддржам оние кои повеќе од два месеци на мирен и достоинствен начин искажуваа грижа за државните интереси на Република Македонија. Бидејќи, дел од нивните барања беа и мои барања.

Правдата завршува таму каде што реваншизмот започнува. Затоа, потребна ни е правда наместо реваншизам.

Поради тоа, во изминатиов период постојано повикував и на смирување на тензиите. Повикував на ненасилство, на разумно и одговорно однесување. Иницирав дијалог меѓу власта и опозицијата за да се постигне консензус околу државниот интерес на Република Македонија. Мора да ја вратиме културата на политички дијалог. Лидерите на власта и опозицијата треба да имаат нормална меѓусебна комуникација во интерес на граѓаните и во интерес на државата. Најголема одговорност за стабилноста и поредокот на Македонија имаат политичките партии кои го претставуваат мнозинството на припадници на македонската нација.“ - додаде Иванов.