„Вистината никогаш немала толку непријатели како што има денес. Живееме во време на лажна медиумска реалност. Користејќи лажни вести, во Македонија се води војна на перцепции. Интернетот и емитувањето на прилагодени пораки до публиката се новата субверзивна алатка што се користи за обликување на јавното мислење и влијание на изборните резултати.
Главни актери во оваа војна се генераторите на лажни вести и гласини, кои имаат за цел да ја прикријат својата неспособност и да го насочат вниманието кон други. Видовме одредени институции и одговорни лица кои монтираат случаи засновани врз лажни вести и лажни информации. Отидоа до таму, што се обидоа да ме обвинат и мене дека сум планирал да прогласам воена состојба. Наместо, да ја прочитаат глава 7 од Уставот каде се пропишани условите за воена и вонредна состојба, тие се обидуваат да наметнат лажна престава и да креираат перцепција во јавноста за да изградат случај врз основа на измама. За жал, некои новинари и корисници на социјални мрежи преку интернет платформи станаа инструменти за пренос на нивните лаги.
Лажните вести, гласините и планираниот истек на податоци вршат ерозија на институциите. Во изминатите три години, повеќе од 30% од идентитетите на нашите разузнавачи се откриени. Со тоа се предизвикани штетни последици од пропаднати операции во земјата и странство, загрозени се животи и уништена е агентурна мрежа за собирање на податоци.
Крајно време е да се соочиме со вистината дека генерирањето и емитувањето на лажните вести во медимите, на интернет и на социјалните мрежи, без мониторинг и мерки за граѓанска и кривична одговорност, е основа за тензии и конфликт. Оние кои предизвикуваат штети генерирајќи лажни вести мора да сносат одговорност. Позитивните европски примери треба да бидат имплементирани и кај нас.
Но, законот сам по себе не е доволен. Сите ние кои сме избрани од граѓаните треба да дадеме пример. Време е да се врати јавната пристојност во јавната дебата. Нема посоодветно и подобро место за тој процес да започне од овој дом на демократијата. Пример треба да дадат и медиумите. На Република Македонија и е потребно слободно, независно и професионално новинарство, а не медиуми кои функционираат како експонати на политичките партии и пласираат лажни вести.
Затоа, неопходно е да ја подобриме јавната и парламентарната етика, бидејќи тоа е основа за дијалог благодарение на кој може да се превенира поларизацијата и радикализацијата на општеството.“