Расте бројот на високообразован кадар од областа на општествените науки што си заминува од државата. Науката и професорите бараат подобар живот во европските метрополи поради повисоки плати и немање доволно пари за истражувачка дејност, велат професорите. Бараат од надлежните подобрување на Законот за високо образование и на Стратегијата за спречување на одлив на мозоци.
Научниците и професорите бараат подобар живот во европските метрополи поради повисоките плати, немањето доволно пари за истражувачка дејност, како и малиот број можности. Одливот на мозоци зема сѐ поголем замав и кај високообразованиот кадар од општествените науки.
Во анализата на Институтот за стратешки истражувања и едукација, две третини од испитаниците одговориле дека би ја напуштиле државава. Статистиката е загрижувачка. Институтот апелира дека е неопходно да се одвојат повеќе пари за науката, побарана промена на Законот за високо образование.
Љубен Коцев е еден од ретките кои по студиите во странство решил да се врати во земјата. На последниот конкурс бил вработен на Економскиот факултет. Тоа бил клучниот момент кога решил Германија да ја замени за Македонија.
Истражувањето е спроведено на 347 испитаници во октомври. Меѓудругото, анализата покажала дека на македонските високообразовни институции не се преземаат мерки за спречување на одливот на мозоци, а политиките речиси и да немаат ефекти.