Оперативно-техничката агенција, која ќе биде медијатор во прислушувањето меѓу операторите и корисниците се очекува да почне со работа од ноември 2018 година, а дотогаш за заштитата на приватноста на граѓаните и за спречување на евентуални злоупотреби веќе се грижи специјален подофицер, со свој тим.
Оваа новина веќе се применува од 1 јуни, и тимот изработува неделни, месечни извештаи и анализи на барањата за превентивни мерки, но и мерки за сузбивање на криминалот во врска со прислушувањето. Во моментов, како што велат извори од МВР, се завршува четвртиот поголем извештај во однос на тоа колку наредби за следање се издадени, колку броеви се следени.
МВР во овие шест месеци неколку пати побарало од Собранието, односно од надлежната комисија да дојде со експерт и да направи увид, иако тоа не е содржано во законот. Меѓутоа, собраниска контрола досега не е направена.
Извори од МВР не сакаа да кажат каде ќе биде сместена ОТА, колку вработени ќе има, ниту да ги изнесат финансиските импликации за спроведувањето на овие реформи.
Пакетот закони за реформи во следењето на комуникациите, како дел од реформите, содржани во препораките на Рајнхард Прибе вчера поминаа на владина седница. Владата ги усвои законот за Оперативно-техничка агенција и новиот текст на предлог-законот за следење на комуникациите.
Законот за ОТА и законските измени на следењето на комуникациите се очекува Собранието да ги усвои по празниците.
На реформите интензивно работела меѓуресорската работна група, во која имало и членови на опозицијата, кои навремено било информирани за сите измени и според извори од МВР соработувале во креирањето на овие реформи.
За реформите е склучено стратешко партнерство со хрватската служба, која е креирана по пример на британската.
ОТА е прв чекор во воспоставување на взаемна контрола меѓу субјектите, кои учествуваат во процесот на следење на комуникациите. Изворите велат дека тоа значи дека МВР нема да може само да следи, како што беше досега преку Петтата управа во Управата за безбедност и контраразузнавање. Иако е издадена наредба од суд, таа ќе мора да оди преку ОТА, која, пак само ќе има право да конектира, но не и да ги слуша разговорите.
Предвидено е зајакнување на контролниот механизам на следењето на комункациите. Дури и еден член на собраниската комисија, да побара да изврши контрола, таа ќе може да се направи и без претходна најава.
Пратениците и натаму ќе ја вршат контролата врз прислушувањето, преку собраниската комисија, составена од четири члена (двајца од мнозинството и двајца од опозицијата) и претседател од редовите на најголемата опозициска партија во Парламентот. Ќе може да вршат надзор без најава.
Во контролата, како што е содржано во предлог законот за следење на комуникациите, се вклучени и Народниот правобранител, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Дирекцијата за лични податоци.
Новина е Советот за граѓанска контрола, што дополнително треба да биде формиран. Советот за граѓански надзор, што е една од новините, ќе биде составен од претседател и шест члена, а сите ќе ги избира Собранието. Нивниот мандат ќе биде три години, а и тие ќе треба да поднесуваат годишен извештај за сработеното до Парламентот.
Овој Совет ќе постапува врз основа на барања на граѓани и фирми кои забележале незаконско постапување, односно злоупотреба на ПИ мерките. И Советот, според извори од МВР може да врши контрола без најава.
Директорот на ОТА ќе го бира Собранието со двотретинско мнозинство, а предвидено е агенцијата да има и заменик-директор.
Евентуалните санкции за вработени во ОТА, кои би ја злоупотребиле својата позиција, ќе бидат содржани во Кривичниот законик, односно во измените што треба да се донесат во оваа сфера.