Цврстата позиција дека Независни Грци не можат да прифатат име што ќе го содржи терминот Македонија, уште еднаш беше изразен од член на партијата -коалиционен партнер во владата.
Овој пат, од заменикот-министер за транспорт, Никос Мавраганис, кој говорејќи утрово за државната телевизија ЕРТ, јавува дописникот на МИА од Атина, рече дека во преамбулата на македонскиот Устав има иредентизам и тоа е главната причина зошто не го прифаќа терминот Македонија.
Мавраганис е член на владата од редовите на Независни Грци.
– Ова не е опсесија или радикална позиција и однесување, туку е затоа што државата на Скопје, го поставува ова барање за да има такво име, токму затоа што во преамбулата на нивниот устав, предвидува дека треба да се создаде една поширока македонска држава и се стреми кон одбрана на наводната македонска националност. Ако ова не беше во нивниот устав, ако беа отстранети овие иредентистички стремежи, тогаш поразлично ќе ги гледавме работите. Но тоа не е отстрането. И затоа остануваме на тоа дека во никој случај не може да се користи терминот Македонија во какво било сложено име, па дури и да биде ерга омнес, рече заменикот министер за транспорт, во интервјуто за ЕРТ, пренесува МИА.