Секторот за внатрешни работи од Куманово до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против А.А. (57) и М.М. (67) поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување исправа“.
Како што соопшти денеска МВР, двајцата пријавени во периодот од јуни 2009 година до мај 2013 во два наврати ја злоупотребиле својата службена положба и овластувања. Првопријавениот, во тој период во својство на градоначалник на Крива Паланка, а второпријавениот во својство на тогашен директор на ДСУ „Ѓорче Петров“ од истата општина, постапиле спротивно на заклучоците и одлуката на Владата за проектот за изградба на 35 спортски сали.
- А.А. и М.М. на 29 мај 2009 година изготвиле и потпишале лажна исправа - Договор за инвестирање во изградба на спортска сала „Петар Поп Арсов“ со Агенцијата за спорт и млади како инвеститор на проектот. Заведувајќи го „договорот“ под три деловодни броја во три деловодника и тоа во оној при општина Крива Паланка, во ДСУ „Ѓорче Петров“ и во Агенција за млади и спорт, во договорот во член 7 став 1, навеле дека спортската сала наводно ќе биде изградена во дворот на ДСУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, иако таму веќе имало изградено спортска сала - соопшти МВР.
Согласно склучениот договор, општина Крива Паланка се обврзала да го подготви теренот и да обезбеди пристапни патишта за почнување на изградбата, да изврши технички прием на функционалност на спортска сала, да издаде употребна дозвола, и да достави до Агенцијата за млади и спорт имотен лист во кој ќе биде впишана спортската сала.
Овие одредби од договорот воопшто не биле исполнети, туку спротивно на тоа пријавениот А.А. донел и потпишал Решение за локациски услови за градба и потпишал Одобрение за градење-изградба на спортската сала на друга локација, на катастарска парцела која дел била во сопственост на општината, а дел во сопственост на Република МАкедонија, без претходно да се изврши пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно.
По изградбата на спортската сала, двајцата пријавени вторпат ја злоупотребиле службената положба и овластување кога прифатиле и потпишале Записник за примопредавање на градежниот објект- спортската сала со Агенцијата за млади и спорт. Навеле дека таа е целосно завршена, иако не биле изведени градежни работи за доградба, реконструкција, паркинг простор, сообраќајници, согласно Одобрението за градење. Ова е констатирано во Записникот за извршен вонреден инспекциски надзор од страна на градежната инспекција. Со тоа е нанесена дополнителна штета на Општината, која во наредниот период треба да ги доврши овие градежни работи.
Констатирано е дека новоизградената спортска сала воопшто не била внесена во катастарскиот операт за КО Крива Паланка, а имотниот лист во кој требало да биде внесена спортската сала во сопственост на општина Крива Паланка никогаш не бил доставен до Агенцијата за недвижности при Владата.