Во фокусот на грчките медиуми секојдневно се темите поврзани со Република Македонија и спорот што Грција го има за името на нашата земја.
Интернет изданието на грчкиот весник „Ријал“ објави дека македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе имаат билатерална средба на 24 јануари за време на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
Средбата Заев – Ципрас, според весникот, е факт што ги потврдува информациите дека за време на разговорите на шефовите на дипломатиите Коѕијас – Никола Димитров во Солун, постоел голем напредок. Коѕијас и Димитров, како што пренесува Real, ќе бидат исто така во Давос.
Грчките медиуми во изминатиот период шпекулираа дека е можна средба на Заев и Ципрас на форумот, но не постоеше потврда ниту од едната ниту од другата страна. Единствено, од македонската владина прес-служба минатата недела соопштија дека владина делегација предводена од премиерот Заев на 25 и 26 јануари ќе учествува на Светскиот економски форум во Давос.
По засилената динамика за решавање на спорот меѓу Македонија и Грција и очекувањата дека Метју Нимиц на 17 јануари во Њујорк ќе излезе со првичен предлог за името, полето на преговори за решение ќе се префрли и во Давос (Швајцарија), информира грчкиот информативен портал Real.gr.
Имено, кон крајот на минатата недела од владата информираа дека премиерот Заев со владина делегација на 25-ти и 26-ти јануари ќе учествува на Светскиот економски форум кој годинава се одржува во Давос, а според порталот во периодот од 23-ти до 26-ти месецов таму ќе биде и грчкиот премиер, Алексис Ципрас.
Извори кои ги консултирале грчките новинари потврдиле дека Алексис Ципрас има намера во Швајцарија да се сретне со својот македонски колега на 24 јануари, што според Real.gr само ја потврдува информацијата дека досега е постигнат голем напредок во однос на спорот за името.
Иако за тоа сè уште нема официјални најави, од Real.gr информираат дека на форумот во швајцарското одморалиште ќе патуваат и министрите за надворешни работи на двете земји.
Отааму исто така истакнуваат дека не треба да се занемари и фактот дека на форумот во Давос ќе учествуваат и германската канцеларка Ангела Меркел и американскиот претседател Доналд Трамп.