Граѓани организирани преку социјалните мрежи вчера се собраа на нов протест пред Владата против аерозагадувањето. Порачаа- состојбата трае со години, не се потребни препораки, туку ефективни мерки. Сепак масовноста изостана. Многумина од најавените, наместо на протест, останаа во топлите домови.
Иако аерозагадувањето е проблем кој ги мачи сите скопјани, едвај 50-ина излегоа на протест пред Владата барајќи чист воздух. Одзивот е мал бидејќи сме веќе изморени и немаме надеж дека нешто ќе се промени, а протестите немаат ефекти, велат некои од граѓаните.
Додека политичките партии меѓусебно се обвинуваат кој го создаде проблемот никој не се интересира како да го реши истиот, вели организаторот на протестот Рашо Радулов. Оваа состојба трае со години, и како што рече, не се потребни препораки против аерозагадувањето, туку ефективни мерки во борбата со ПМ 10 честичките.
Граѓаните се жалат дека иако носат маски како превентива од ПМ 10 честичките, сепак тешко дишат. Велат дека засега немаат респираторни заболувања, но во следните години, според нив, загадувањето ќе се одрази по нивното здравје. Побараа од Владата да има поголем слух за овој проблем и да преземе поригорозни мерки.
Организаторите најавуваат нови протести се додека не се исполнат нивните барања. Се надеваат дека на следниот протест ќе има повеќе граѓани отколку новинарски екипи.