Пратениците на денешната 30. собраниската седница изгласаа ратификување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, конвенциите за ноќна работа и за организации на рурални работници, од 1990 година и од 1975 година, како и Конвенцијата за трудови статистики, од 1985 година.
Собранието ги ратификуваше и спогодбата помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за редовен воздушен сообраќај помеѓу и вон нивните територии и Предлог на закон за ратификација на Дополнителниот Протокол 5 на Договорот за изменување и пристапување на Централно европскиот договор за слободна трговија.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, рече дека водечки мотив за ратификација на конвенцијата за ноќна работа, е зајакнување на принципот на родова еднаквост.
– Со Конвенцијата се уредува и работењето на жените ноќе, со тоа што текстот содржи одредби во насока на заштита на мајчинството. Со ова се подобруваат можностите на жените за вработување, однонсо се овозможува жената да има избор дали ќе раоти ноќе или не, рече Димитров.
Појасни дека се елиминираат сите рестрикции на ноќната работа специфични за жените, освен за оние што се насочени кон заштита на женската улога за репродукција и нега на новороденчиња.
Собранието со работа ќе продолжи во 15.30 часот.
Пратениците во претпладневниот дел од работата ги усвоија Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за управната инспекција, Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор, Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за архивски материјал, Предлог закон за изменување на Законот за електронските комуникации, Предлог закон за изменување на Законот за основање на Македонска академска истражувачка мрежа, Предлог закон за амнестија, Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за културата, Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство, Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за филмската дејност и Предлог закон за урбано зеленило, сите во второ читање.
Во работата на Парламентот не учествуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.