Јавната администрација ќе се деполизира само доколку се применат објективни критериуми во постапката на селекција на кандидатите и доколку се изврши остручување на членовите на комисиите кои ја прават селекцијата.

Кон ова се насочени и дел од мерките предвидени во новата четиригодишна Стратегија за јавна администрација која ќе важи за периодот до 2022 година.

Билјана Николовска-Жагар, советник за администрација во Кабинетот на министерот за информатичко општество, вели дека во делот од стратегијата посветен на јавната служба и управувањето со човечки ресурси дефинирани се две клучни мерки кои ќе бидат насочени кон деполитизација на јавната администрација.

- Она што основно треба да се направи е да се применуваат принципите на рамноправност и еднаков пристап на работните места, притоа применувајќи го начелото на стручност и компетеност во баланс со начелото на соодветна и правична застапеност на заедниците. Мерките се насочени кон градење на објективни критериуми во постапката за селекција на кандидатите, но и остручување и оспособување на членовите на комисиите за селекција на кандидатите кои имаат значајна улога во процесот на селекција - изјави Николовска - Жагар пред денешната јавна расправа за Стратегијата.

Значајна мерка која ќе биде во насока на раздвојување на политичкото од стручното ниво е и воспоставувањето на висока административна служба во која би влегле раководните лица на институциите за кои ќе важат правила и критериуми за нивна селекција.

Николовска-Жагар смета дека мора да се направи сериозна хоризонтална анализа на сите институции во јавниот сектор пред да се пристапи кон било какво евентуално кратење на јавната администрација.

- Треба конечно да се пребориме како по бројот на институции, така и по бројот на вработени и да анализираме што имаме и колку од кадрите се соодветни за описите на работните места. Потоа би следел процес на преквалификација и процес во којшто би се предвидувале мерки за рационализација на бројот на вработените, врз основа на издржани анализи, факти и докази за стручноста на администрацијата - смета Николовска-Жагар.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски е задоволен од изработената стратегија бидејќи како што вели, се работи за издржан и применлив документ работен во соработка со СИГМА и ЕУ. Ова, вели Манчевски, е прв документ кој содржи индикатори за следење за имплементацијата. Спроведувањето на Стратегијата ќе го следи Совет за имплементацијата со кој ќе раководи претседателот на македонското Влада.