Предложено укинување психолошки тест за директори на установи за деца, на АВРМ и Инспекторат за труд15 JАНУАРИ АПТИС како меѓународен сертификат да биде доказ за познавање странски јазик за избор односно именување на директор на јавна установа за деца, (детска градинка/центар за ран детски развој/детско одморалиште), укинување на психолошките тестови, како и познавањето на работа со компјутери да се докажува и со домашни сертификати, предвидуваат меѓудругото измените и дополнувањата на Законот за детска заштита кои денеска поминаа во прво читање на пленарна собраниска седница.

АПТИС како меѓународен сертификат за познавање странски јазик, смета Министерството за труд и социјална политика како предлагач, е признаен секаде, но е и најевтин и најдостапен сертификат за познавање на англиски јазик во Република Македонија.

Укинувањето на психолошките тестови, е од причина што во Република Македонија не постојат овластени правни лица кои располагаат со соодветен стручен кадар за развивање на соодветни психолошки тестови за секоја различна работна позиција, вклучувајќи ги и избраните и именуваните лица.

За вработување инспектори во оваа сфера, пак, наместо меѓународни сертификати кои се премногу скапи, се бара познавање на работа со компјутери, која ќе се докажува со домашни сертификати и потврда, а исто така, и се брише полагањето психолошки тестови и тестови на интегритет.

Психолошкиот тест се укинува и за именување на директор на Државниот инспекторат за труд, како и директор на Агенцијата за вработување на Република Македонија, како и за именување членови на Комисијата за заштита од дискриминација, а важат и промените и за додавањето на АПТИС како меѓународно признат сертификат за познавање на англискиот јазик. Овие законски измени, исто така, поминаа прво читање на денешната седница.

Измените на овие закони се резултат на одлуката на Владата за измена на Законот за административни службеници, донесена во ноември минатата година.

Тогаш беше најавено дека во делот на вработувањето ќе се укине психолошкиот тест, и потребата од приложување меѓународни сертификати за познавање на еден од трите странски јазици и за работа со компјутери.