Медијаторот во преговорите за името Метју Нимиц вели дека има позитивен момент во Скопје и Атина за решавање на долгогодишниот проблем и оти граѓаните во двете земји се подготвени да слушнат одредени солуции и додава дека на средбата во Њујорк на 17 јануари пред преговарачите Васко Наумоски и Адемантиос Василакис ќе излезе со предлог-идеи за кои веќе се дискутирало во минатото.

- Низ годините, јас дадов разни сугестии. Некои од нив биле корисни за една од земјите. Некогаш, пак, тие биле корисни за другата земја. Ќе се потрудам да ги земам предвид елементите, кои сум ги слушнал и од двете страни. Не сум претставил ниту една идеја во последниве неколку години. Не беше соодветно да давам идеи со оглед на тоа што се случуваше. Но, сега мислам дека имаме добри преговарачи. Василакис е искусен и го познава прашањето многу добро. Исто така и Наумовски е многу ефективен дипломат. Тие се и колеги и ќе се обидеме со некои идеи, вели Нимиц во интервјуто за грчката национална телевизија ЕРТ, кое го пренесе МИА..

Смета дека во двете земји пристапот е со поглед насочен кон напред.

- За ова прашање дискутираме повеќе од 20 години и повеќето од идеите веќе биле ставени на маса. Но, секогаш постои нов и друг начин за работите да бидат разгледани, од малку поинаква димензија. Затоа, мислам дека луѓето ќе го гледаат прашањето од малку поинакво светло. Секако, нема ништо што е сосема ново и мислам дека ова веќе сум го кажал. Не постои волшебно решение за ова прашање, нагласува медијаторот.

Во интервјуто Нимиц порача дека новата Влада во Скопје е многу заинтересирана да го реши прашањето за името и додаде дека и грчката Влада препознава дека ова е добар приод и добар чекор за грчката надворешна политика во регионот, да најде решение, за долгогодишното прашање

- Од овие причини постои позитивен момент меѓу двете земји. Мислам дека граѓаните во двете земји можеби се подготвени да слушнат одредени солуции, што се од нивни заеднички национален интерес, но исто така дека има одреден компромис тоа да се реши, рече Нимиц.

Напомена дека постојат и други прашања освен името, како што се неговата употреба, но и прашањето за идентитетот, што како што рече предизвикува голема загриженост во Македонија.

- Постојат и други прашања покрај името - неговата употреба, идентитетот..., што предизвикува голема загриженост кај северниот сосед и затоа треба да бидеме исклучително чувствителни во врска со тоа. Постои загриженост и во Грција за некои историски прашања, за историското и културното наследство, учебниците... Овие прашања се важни, но мислам дека има решенија за нив. Двете соседни земји можат да ги решат, ако прво се реши основното прашање, истакна Нимиц во интервјуто. Во врска со имињата со одредница што во последно време се појавија во медиумите како Северна Македонија, Нова Македонија... вели дека е прерано да се разговара за конкретно решение.

- Би сакал да разговараме за тоа, но сметам дека е прерано за тоа, со оглед на тоа дека средбата е следната недела. Сметам дека не е соодветно од моја страна да почнам да зборувам за конкретни имиња. Очигледно, многу внимание се посветува на некој вид на одредница и за тоа многумина од нас многу размислувале. Но не би сакал во оваа фаза да давам идеи. Она што сега би сакал да го направам е да се сконцентрирам да главното прашање, а тоа е потребата да се дојде до затворање на преговорите и да ги поттикнеме луѓето во двете земји да се фокусираат на постигнување на решение, потенцира Нимиц.