Телефонски разговор Заев- Борисов. Двајцата премиери оценија дека договорот што беше ратификуван во Собранието гарантира долгорочни пријателски односи меѓу двете држави. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ остана на ставот дека документот е асиметричен и на штета на Македонија. СДСМ смета дека се подобрува позицијата на земјава...
Заев и Борисов едногласни- Договорот за добрососедство гарантира долгорочно градење пријателски односи меѓу Бугарија и Македонија и е стабилна основа за соработка во регионот, врз база на европските вредности. Ова го заклучиле двајцата премиери во телефонски разговор. Шефот на македонската влада му посакал успех на бугарскиот колега за време на претседателството на Софија со Европската унија.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, не остстапува од ставот- за нив, Договорот со Бугарија е асиметричен и е на штета на Република Македонија, а неговата примена ќе значи промена на историјата на земјава. Според партијата, со овој договор власта ѝ дава отворена можност на Бугарија да ја блокира Македонија во кој било дел од преговорите со Европската унија. Дополнително, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ со овој договор го деградира македонскиот јазик и се согласува да биде ословуван како јазикот според Уставот.
Неосновани се реакциите на ВМРО-ДПМНЕ за Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, реагираат од СДСМ. Според партијата, ратификуваниот документ е во интерес на двете држави и на нивните граѓани, и е во согласност со националните и државни интереси. Од СДСМ велат дека целиот демократски свет го поздравува договорот како значаен исчекор кон евроатлантските интеграции, и го истакнува значењето за регионалната и меѓународната позиција на Република Македонија, а само ВМРО-ДПМНЕ неосновано е против.
Собранието го ратификуваше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со бугарија со 61 глас. Пратеникот Мухиќ беше воздржан, а на седницата не присуствуваа претениците од ВМРО-ДПМНЕ.