Во Косовска Митровица е убиен лидерот на граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“, Оливер Ивановиќ. Бил застрелан додека влегувал во просториите на неговата партија. Српскиот претседател Вучиќ го свика Советот за безбедност. Убиството го оцени како терористички чин. Белград ги прекина преговорите со Приштина. Шефицата на европската дипломатија телефонски разговараше со Вучиќ и Тачи.
Лидерот на српската партија на Косово, Оливер Ивановиќ, изутринава бил убиен во Косовска Митровица. Застрелан е со огнено оружје кога влегувал од седиштето на неговата партија.
„Смртта е предизвикана од повеќе повреди на горниот граден кош од огнено оружје. Станува збор за најмалку пет прострелни рани“, изјави д-р Милан Ивановиќ, директор на болницата во Косовска Митровица.
Косовската полиција трага по сторителите на убиството. Сопругата на Ивановиќ, Милена изјави дека се знаат убијците и дека ова нема да заврши добро. Неодамна бил запален автомобилот на Ивановиќ, а членовите на неговата партија „Слобода, демократија, правда“, се откажале од кандидатурата на последните локални избори поради застрашување.
Ивановиќ од ’99-та извршуваше повеќе политички функции на Косово, а во 2014-та беше затворен од косовските власти за злосторства, осуден на девет години затвор, но потоа пресудата била повлечена, а судењето повторено. По убиството, српската делегација ги прекина преговорите со косовските претставници во Брисел.
„Убиството на Оливер Ивановиќ е терористички чин против српскиот народ за да се дестабилизира ситуацијата на северот од Косово и Метохија“- изјави шефот на Српската делегација, Марко Ѓуриќ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ по итната седница на Советот за национална безбедност, побара од ЕУЛЕКС и УНМИК, и српските служби да учествуваат во истрагата.
„Ова е терористички акт, и така кон него и ќе се однесуваме. Тоа значи дека надлежност ќе воспостават нашите органи, Обвинителството за организиран криминал ќе достави налози до нашите служби“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
Европската унија побара косовските власти да ги откријат и осудат сторителите на убиството на Ивановиќ. Убиството го осуди и косовскиот претседател Хашим Тачи и косовската Влада.