Претседателот на Србија Александар Вучиќ најави денеска дека наскоро ќе отпатува во Косово каде ќе има средба со српската заедница, по убиството на еден од српските лидери Оливер Ивановиќ.

– Наскоро ќе одам во Косово. Сакам да разговарам со народот, што можеме да направиме, иако немаме ефективна власт, изјави Вучиќ.

Тој воедно ја повика српската заедница во Косово да го сочува мирот и сталоженоста и порача дека убиецот ќе биде пронајден и казнет.

– Разговарав со претседателот на Српска листа Горан Ракиќ и атмосферата е многу тешка и лоша и мојата порака е да се сочува мирот и сталоженоста, а убијците ќе ги пронајдеме, доколку тоа не го направат оние што треба да го направатт, изјави Вучиќ по седницата на Советот за национална безбедност.

Ивановиќ, кој беше лидер на партијата Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“, беше застрелан утринава во Косовска Митровица. Во него беше пукано додека влегувал во просториите на својата партија околу 8:15 часот.

По нападот тој бил итно пренесен во болница, каде лекарите констатирале смрт.