Терминот Македонија ќе остане во предлог-решението затоа што повеќе од 100 земји во светот ја имаат признаено Република Македонија, изјави медијаторот Нимиц за грчка Антена1.Пред почетокот на денешната нова рунда разговори помеѓу преговарачите Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, која се одржува во Њујорк, медијаторот Нимиц потсети и дека во името на земјата која е примена во ОН како ПЈРМ, исто така се содржи терминот Македонија и тоа е прифатено од Грција.
– Името на земјата во Обединетите Нации е Поранешна Југословенска Република Македонија, така што името Македонија е во ОН и е прифатено од самата Грција. Признаена е од повеќе од 100 земји во светот како Република Македонија. Исто така името Македонија е поврзано со оваа земја, така да мислам дека ќе најдеме решение кое ќе ве задоволи и вас но и северниот сосед,изјави Метју Нимиц.
Василакис и Наумовски под медијација на Нимиц денес во Њујорк разговараат за старите предлог- идеи кои во последните 20тина години веќе биле ставени на преговарачката маса. Според Метју Нимиц нови моменти нема, ако постоеле сигурно ќе биле откриени во последните 25 години.
– Ова е нов предлог затоа што е ново време. Некои од идеите се дискутираа пред многу години, нема волшебно решение, никој нема да дискутира за нешто комплетно ново, ако имаше досега нов момент ќе го откриевме во последните 25 години. Ќе се бараат различни солуции на нов начин. Се надевам дека и двете страни ќе ги проучат моите идеи внимателно и со отворен ум ќе го најдат решението,кажа Нимиц.
Специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации констатира и дека Грција треба да игра значајна улога во регионот, а еден од начините да го направи тоа е решавањето на спорот со својот северен сосед со цел Скопје да може да продолжи да се движи кон евро-атлантскиот пат.