Во Собранието на Република Македонија денеска се одржа Свечена академија по повод одбележувањето на 550-годишнината од смртта на Ѓорѓија Ѓерѓ Кастриоти-Скендербег.
Во обраќањето на Свечената академија претседателот на македонското Собрание Талат Џафери истакна дека ликот и делото на Ѓерѓ Кастриот-Скендербег се тесно поврзани со сите нас кои денеска живееме на просторот на Република Македонија, односно со вековните стремежи и борбата на албанскиот и македонскиот народ за слобода и самостојност.
„Да не заборавиме дека големиот македонски поет Глигор Прличев има напишано поема на грчки јазик која се вика Скендербег, која во 1961 година е препеана и издадена на македонски јазик. Скендербег наоѓа место и во зборниците на Кузман Шапкарев, како и во Зборникот на народни песни на браќата Миладиновци, издаден во 1861 година во Загреб. Односно, како што има речено големиот современ македонски поет, есеист, историчар и академик, Гане Тодоровски, „Скендербег е позитивен историски јунак во македонската историска меморија“, рече Џафери.
Затоа, потенцира тој, денес, кога на ниво на регионот, како и во секоја поединечна држава, се соочуваме со разни предизвици, па и недоразбирања, токму споменот за Скендербег и неговото историско и цивилизациско наследство, треба да не обединува.
„И пак да се вратам на големиот Гане Тодоровски, кој во своето експозе по повод 600 години од раѓањето на Скендербег, во МАНУ, за него ќе рече, цитирам „Големиот Скендербег, вечниот Скендербег, е божјото око кое бдее врз мирот на Балканот. А одговорност на сите нас кои живееме овде на Балканот е тој мир да го надградуваме, да го шириме и сите да се инкорпорираме во здружена Европа. А токму тоа ќе биде и вистинскиот израз на нашата почит, но и начин на покажување на нашата доблест кон ликот и делото на Ѓерѓ Кастриоти-Скендербег“, потенцира претседателот на Собранието.
Смета дека без разлика на тоа што тој е албански феудалец, неговите идеи, неговите заложби и, секако, неговата борба за слобода и воените победи против отоманската војска, имаат многу елементи на тоа што денеска за сите нас е идеал и стратешка определба, а тоа е здружена Европа.
„Тој децидно се заземал за обединување на сите балкански кнежевства, меѓутоа, во соработка со другите, како што е Дубровник, Венеција и Неапол во одбрана на Балканот, а со тоа и на Европа, пред продорот на османлиската војска. Овие историски факти се потврдени преку многуте научни истражувања и соодветните научни трудови на редица авторитетни имиња од историската наука, речиси од сите европски држави“, потенцира Џафери.
Додаде дека тој бил инспирација за многу литературни, музички, ликовни и други уметнички дела, потенцирајќи дека ликот на Скендербег нашол место во делата на Вивалди, Бајрон, Делакроа, Монтењ…