Очекување за позитивен исход од претстојниот Самит на НАТО во јули оваа година и благодарност за континуираната поддршка за евро-атланската интеграција на Република Македонија изрази министерот за надворешни работи, Никола Димитров на денешната средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во рамки на неговата прва официјална посета на Република Македонија.

Како што соопшти МНР, Димитров нагласи дека посетата на генералниот секретар на НАТО е од круцијално значење за Република Македонија и претставува силно охрабрување за нашите напори 2018 година да биде историска година за земјата како и за регионот.

Димитров, се додава, информираше за проактивниот дипломатски ангажман на Република Македонија за реализирање на надворешно-политичките приоритети – добивање покана за членство во НАТО и датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Тој, исто така, ја потврди и одлучноста и политичката волја на Владата за навремено и ефикасно реализирање на реформските процеси и унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка.

– Членството во НАТО за Република Македонија значи стабилност за земјата и за регионот, истакна министерот за надворешни работи Димитров.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, се посочува, ја потврди политиката на отворени врати на НАТО, го изнесе својот позитивен впечаток од демократскиот развој во земјата, искажувајќи поддршка за реформските процеси на Владата на Република Македонија. Воедно, Столтенберг изрази и охрабрување да се искористи позитивниот моментум на земјата со цел реализација на нејзината евро-атлантска аспирација, се наведува во соопштението од МНР.