Изјавата на македонскиот претставник во преговорите за името Васко Наумовски дека предлогот на медијаторот Метју Нимиц е недостоинствен, за ДУИ е избрзана, а за ВМРО-ДПМНЕ изјава која треба да се сфати сетиозно. Во СДСМ, пак, сметаат дека предлогот треба да се разгледа па дури тогаш да се даваат констатации.

- Она што го кажа Наумоски е загрижувачки бидејќи станува збор за компетентен преговарач кој директно е вклучен многу години наназад во овој процес. Мислам дека оваа негова изјава не е случајна - изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети смета дека изјавата на Наумовски е спорна оти претходно тој не се консултурал со македонските власти.

- Бев изненаден од загриженоста на претставникот на Република Македонија во преговорите. Тој ја истакна својата загриженост без да се консултира воопшто ниту со пратениците, ниту со органите кои имаат одговорност за да ја предводат земјата и да решаваат политички теми - рече Ахмети.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев рече дека најпрво треба да се видат понудените решенија и детално да се анализираат.

- Јас во овој момент не можам да дадам никаков дополнителен коментар, но можам да искажам задоволство што се фокусираме на затворање на овој спор и активно создаваме услови за позитивен исход. Како Собрание стоиме на располагање на сите процеси кои ќе ги договорат владините, односно преговарачките тимови - рече Тунтев.