Во изминатиот период и во Македонија и во Грција има позитивна клима, оптимизам и обиди да се дојде до заеднички прифатливо решение за името.
Преговарачот во спорот Метју Нимиц, вели дека со последниот предлог што го дал може да се дојде до решение и оти со него идентитетот на Македонија е безбеден.
Сепак, и покрај оптимизмот, за денеска во Солун е закажан протест на кој главно барање ќе биде терминот Македонија да не биде вклучен во името. Не е исклучена и можноста да се одржат повеќе различни демонстрации, но, со истата порака против името Македонија.
Демонстрации во Северна Грција, резолуции, собирање потписи, барање за референдум и не прифаќање на какво било име со терминот Македонија се дел од најавените активности во рамките на кампањата под името „Македонија значи Грција“. „Грчката федерација на културни здруженија на Македонците“, заедно со грчките здруженија и организации од дијаспората се главните организатори на активностите, а како медиумски покровители се појавуваат околу 60 медиуми од северниот дел на земјата.
На специјално изработена интернет страница, собираат потписи за резолуцијата до грчкиот премиер Алексис Ципрас, во која бараат да не се користи терминот Македонија во името на нашата земја и доколку е потребно да се распише референдум во Грција.
Ципрас, пак, во интервју за неделното издание за весникот Етнос, од кое делови пренесе Информативниот портал Њуз 247, истакнал дека никогаш не постоела македонска нација во античко време, како што не постоела, ниту нација на атињаните и спартанците, што беше протолкувано дека тој го негира постоењето на македонската нација.
Во интервјуто што е објавено денеска, тој говори детално за прашањето за името, ги отвора картите за спорот меѓу двете земји, опишува какво име би прифатила грчката Влада и вели дека особено важно прашање е иредентизмот.
Од друга страна, медијаторот во спорот околу името, Метју Нимиц, посочува дека не навлегува во идентитетот на државата, туку го зајакнува.
– Вие имате силен идентитет, не само од осамостојувањето, туку и од време на поранешна Југоставија и од Отоманската империја – рече медијаторот Метју Нимиц во интервју за телевизија „Сител“.
Според Нимиц, не е тајна дека дека договорот е сеопфатен.
– Се обидов да ги опфатам најголемите проблеми и да најдам начин од интерес на двете страни. Според мене, со предлогот идентитетот е безбеден и со моите идеи е уште повеќе зајакнат. Предлозите ги напишав на четири страни и ги дадов на надлежните. Треба време да размислат, три до четири дена, а потоа да се разговора – истакнува Нимиц.
Тој најавува дека ќе ги посети двете земји во наредните 10 дена за да се најде компромис.
Оценка на медијаторот е дека спорот за името е голема штета за двете земји доколку неговото решавање и натаму се одолговлекува, а за разлика од минатото, ситуацијата сега е променета.
По последниот предлог на медијаторот Нимиц, со став по него излезе македонскиот претставник во преговорите Васко Наумовски, кој изразувајќи загриженост истакна дека предлогот што бил понуден не е достоинствен.