Во Кривичниот суд неделава закажани се шест рочишта за предмети на Специјалното јавно обвинителство. Утре во судот треба да се одржат рочишта за „Труст“, „Шпион“ и „Транспортер“.
Судењето за предметот „Труст“ минатата недела беше одложено поради влошена здравствена состојба на второобвинетиот во случајот. Во предметот „Шпион“ меѓу обвинетите 18 лица се и поранешниот полициски генерал Горан Стојков, поранешниот директор на управата за спречување на пари и корупција Ване Цветанов и поранешниот висок функционер во управата за контраразузнавање Александар Диневски.
Во предметот „Транспортер“, обвинети се поранешниот битолскиот градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола.
В среда треба да почне судењето за предметот „ТНТ“ кој се однесува на уривањето на комплексот „Космос“.
Во овој предмет обвинети се седум лица меѓу кои, поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски.
Во петок закажано е судење за предметот на СЈО „Тарифа“ во кој обвинети се поранешниот генерален директор на АД „Елем“ Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем вреден околу четири милиони евра.