Во Кривичниот суд во Скопје денеска се одржа рочиште за предметот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство на кое беше сослушано вештото лице Радомир Цветановски.

Во испрашувањето на одбраната вештото лице појасни како се утврдува капацитетот на дробилката за јаглен. Вештакот кажа дека извршил увид во техничките карактеристики на дробилката на самото место и дека во предметната дробилка е вграден мотор Ц13 со 440 коњски сили и капацитет од 350+ тони на час. Посочи дека е важно тоа што во постапката за добивање на концесии за ископ на минерални суровини се употребува единица метар кубен, додека при утврдување на избор на опрема за ископ и транспорт се користи единица во тони.

Поради закажано друго судење во истата судница, судијката Лидија Зимбова го прекина сослушувањето на вештакот и закажа друго рочиште на 30 јануари во 10 часот на кое ќе продолжи сослушувањето на вештакот.

Првоосомничен во предметот „Труст“ е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и ВАТО за учество во тендер на Електрани на Македонија во вредност од 17 милиони евра со фалсификувани документи.