Билатералната соработка, евроинтегративниот процес на Македонија, како и поддршката на Шведска за процесот на проширување на Европската унија со земјите од Западен Балкан беа во фокусот на разговорите на денешната средба меѓу вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и државниот секретар на министерот за европски прашања и трговија на Шведска, Оскар Стенстром.

Османи изрази благодарност за активната улога на Шведска во барањето решение на долгата политичка и институционална криза која ја имаше зафатено земјата, како и за поддршка на евроинтегративниот процес на Република Македонија.

- Очекувам поддршката за Македонија од страна на Шведска да продолжи и во иднина, особено за нашите европски и евроатлантски амбиции - додаде Османи.

Вицепремиерот, како што се наведува во соопштението на СЕП, ја потврди посветеноста на Владата целосно и навремено да ги имплементира предвидените реформи од Планот 3-6-9, со цел подготвена да ги дочека клучните датуми за европските интеграции како што се објавувањето на Стратегијата за проширување на Европската Комисија, Извештајот за напредокот на земјава од страна на Европската комисија, како и Самитот за проширување во мај во Софија.

Османи ги запозна соговорниците со позитивниот исчекор во развојот на добрососедските односи, односно потпишувањето на Договорот со Република Бугарија, како и напредокот во изградбата на доверба меѓу Македонија и Грција и интензивирањето на контактите меѓу двете земји.

- Ни претстои клучен период, историска шанса за да направиме значаен исчекор во нашите евроатлантски интеграции и сега ни е потребна сета поддршка од нашите меѓународни пријатели - истакна Османи.

На средбата беа отворени и темите за меѓусебната соработка, билатералната помош на Шведска за Македонија, како и за можностите за унапредување на економската размена и соработка.