Министерството за одбрана на својата официјална страна ги објави платите на фунцкионерите кои раководат со оваа институција во рамки на проектот јавноста има право да знае. Покрај цивилните функционери за прв пат јавно се објавени и податоци за примањата на Армиското раководство.

Министерот за одбрана, Радмила Шеќеринска согласно податоците зема најголем месечен надоместок во висина од 78.791 денари односно околу 1.280 евра.

Втор по висина на месечни примања е Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал - потполковник Методија Величковски кој зема околу 2.400 денари помалку од Министерот, односно 76.372 денари или 1.240 евра.

Заменикот на Министерот за одбрана, Беким Максути на месечно ниво добива плата во износ од 64.844 денари или 1.055 евра, додека за 1.500 денари повисока плата од него добиваат Заменикот на Началникот на Генералштабот на АРМ Мухамед Рацај и Директорот на Генералштабот на АРМ Димче Петровски односно 66.250 денари или околу 1080 евра.

Деканот на Воената Академија Орце Поповски на своето конто по основ на лични примања на месечно ниво книжи нешто повеќе од 1.000 евра односно 61.896 денари додека од функционерскиот кадар во Министерството за одбрана најниска плата има Државниот секретар кој добива 59.274 денари или околу 960 евра.

Од раководниот кадар пак во Министерството за одбрана од редот на административните службеници, согласно Законот за административни службеници, Државните советници во зависност од работниот стаж добиваат плата помеѓу 35.000 и 50.000 денари додека Раководителите на сектори во Министерството добиваат месечен надоместок помеѓу 30.000 и 40.000 денари.