Со амнестијата беа опфатени затвореници осудени за полесни кривични дела. Сторителите на тешки кривични дела не може да бидат дел од оваа амнестија, рече министерот за внатрешни работи Олисер Спасовски по посетата на ПС „Јегуновце“, Тетовско. Целта на амнестијата, посочи е растоварување на просторните услови во затворите и оти со неа е прецизирано за кои полесни кривични дела станува збор.
Законот за амнестија беше донесен во Собранието на РМ на 15 јануари. Според Законот, со амнестијата не се опфатени лицата кои издржуваат доживотна казна затвор, убијците, педофилите, сторителите на тешки дела против државата и изборите и лицата осудени за дело кое го извршиле по 20 септември минатата година.
Во врска со денеска поднесената кривична пријава против 72-годишна жена од Тетово која лажно се претставувала во негово име и ветувала вработувања на жители од градот и околината, министерот Спасовски рече дека со пријавата се покажува дека борбата против криминалот и корупцијата ќе биде ефикасна.
Тој посочи дека овој случај бил пријавен од тројца граѓани по што за два дена по преземените мерки бил откриен идентитетот на жената која на вкупно пет граѓани во негово име им нудела вработување во МВР, но и во други институции како училишта и слично при што барала различни суми за тоа.
– Ова покажува дека ваквата злоупотреба ќе биде санкционирана согласно сите законски прописи со поднесена кривична пријава од наша страна. Останатото е работа на судот затоа што со лажното претставување се руши кредибилитетот како на функционерот, така и на институциите и затоа ние ќе продолжиме со ефикасна борба против вакви и слични појави – изјави Спасовски.
Тој ги повика граѓаните да пријавуваат вакви и слични злоупотреби и лажни претставувања без разлика дали станува збор за одредени носители на функции или институции.