Да се изгради систем за заштита на политичкиот плурализам со вклучување повеќе релевантни чинители и механизми преку доследна примена на регулативата, зајакнување на поддршката на саморегулаторното тело, јакнење на свеста кај медиумите и медиумските сопственици, воведување на концептот на политички плурализам во образовниот систем.

Ова се заклучоците од денешната конференција „Политичкиот плурализам во медиумското известување во период надвор од изборна кампања“ во организација на Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

Билјана Петровска директорка на МИМ вели дека според извештаите на многу домашни и странски организации, состојбата во медиумите во Македонија изминатите десетина години значително е влошена, најмногу преку пристрасното, необјективно известување за опозицијата од страна на неколку национални телевизии, во корист на претходната власт.

- Овие ТВ имаа и се уште имаат голем удел во гледаноста и значително влијание врз јавното мислење, па и може да се каже и на изборниот резултат. Иако со промената на власта се создадени поинакви околности во кои функционираат медиумите, за нас исклучително важно е прашањето како да се заштитат граѓаните од партиско-медиумската пропаганда, особено од влијателните медиуми - вели Петровска.

Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), рече дека во медиумската регулатива во РМ надвор од изборниот период, не се предвидени законски правила и норми за тоа како треба радиодифузерите да обезбедат политички плурализам надвор од периодот на изборната кампања.

Според него, по формирањето на новата Влада, кај медиумите се почувствувала промена во начинот на известување.

- Но бидејќи не постојат законски обврски во законот за аудио визуелни медиумски услуги „лебди во воздухот“ прашањето дали во иднина при промена на власта повторно медуимите можат да се доведат во ситуација да фаворизираат одредена политичка партија, без оглед дали е власт или опозиција, не водејќи сметка за општестветната улога која ја имаат медиумите - рече Трајчевски.

Според Мирче Адамчевски од Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ), земјава во последните десет години е во перманентна изборна кампања, а медиумите, во тој период, немаа многу време да известуваат надвор од кампањите, медиумскиот плурализам не беше следен од политичкиот плурализам.

Вели дека состојбата со политичкиот плурализам денес е многу попријатна за гледање.

- Посебна приказна во непочитувањето на политичкиот плурализам во медиумите е јавниот сервис, кој отсекогаш бил диригиран од партиите на власт и токму таму се потребни драстични промени - рече Адамчевски.

Џастин Шлозберг, професор по новинарство и медиуми во Велика Британија за регулативите во медиумите во неговата земја кажа дека британското телекомуникациско регулаторно тело Офком има обврска да обезбедува и одржува плурализам и квалитет на радиодифузната понуда, и опфат до целата популација.

Доделувањето лиценци во Британија, вели Шлозберг, зависи и од тоа дали се смета дека нивниот носител е „подобен и соодветен“. Офком води и систем на жалби за гледачите и доколку усвои жалба, може да забрани репризирање програма да побара извинување или исправка, или да изрече казна доколку повредата на Законот се смета за тешка или е од невнимание. Максималната казна е 250.000 фунти или пет отсто од приходите на радиодифузерот.

Во однос на регулацијата на плурализмот во медиумите, Шлозберг вели дека пример и политички консензус во западните демократии е дека фокусот треба да биде врз сопствеништвото во медиумите и лиценцирањето.

Според него, се уште е неопходна внатрешна и надворешна регулација на плурализмот, како на пример правила за сопственост на медумите и правила за непристрасност.

Конференцијата се организира во рамки на заедничкиот проект на ЕУ и на Советот на Европа, со наслов „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“.