На маргините на Светскиот економски форум во Давос е најавена македонско- грчка средба на премиерско ниво. Се очекува во денешната агенда на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас да се најдат прашања поврзани со преговорите за името.

Тоа ќе биде прва директна средба меѓу премиерите на двете соседни држави, откако се смени власта во Македонија и по неодамнешното обновување на преговорите за решавање на спорот со името. Средбата меѓу Заев и Ципрас е закажана за 13 часот.

Портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, изјави дека на средбата Заев- Ципрас во Давос се очекува да се направи напредок во насока на изнаоѓање едно заемно прифатливо решение.

Владата на Република Македонија деновиве потврди дека работи на анализа и консултации за предлозите на медијаторот Метју Нимиц за решение на прашањето за името.

В петок пак, премиерот Заев ќе оствари средба и со еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

Посредникот на Обединетите нации во разговорите за името, Метју Нимиц во следните десет дена ќе ги посети Скопје и Атина.