Иако првично му беше определен куќен притвор, по жалбата на Обвинителството, кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ја преиначи претходната одлука и определи притвор, мерка, која беше продолжена.

Режисерот Борис Дамовски преку својот бранител на јавна седница во Апелациониот суд, бара да му се укине мерката притвор. Дамовски како осомничен за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата за настаните од 27 април лани во Собранието, веќе втор месец е во притвор. Иако првично му беше определен куќен притвор, по жалбата на Обвинителството, кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ја преиначи претходната одлука и определи притвор, мерка, која беше продолжена.

Освен за Дамовски, Апелација треба да одлучува уште по 3 жалби за притворите, потврдија од Судот за Алфа. Досега второстепениот суд ги потврди сите одлуки на Кривичниот, односно во притвор остануваат над 20 осомничени, а 6 мина се во куќен притвор.

В сабота истекува вториот месец откако осомничените за случувањата во Собранието се во притвор. Од ОЈО за гонење организиран криминал не откриваат дали ќе бараат мерката притвор да остане на сила.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ реагира дека Јавното обвинителство втор месец не презема никакви дејствија во истрагата што се води, како што велат по политички монтираниот случај за тероризам. Ниту се повикуваат и сослушуваат сведоци, ниту се повикуваат и сослушуваат политички притворените патриоти. Тоа е најдобра потврда дека не станува збор за притвор изречен заради некои правно издржани причини, туку неоснована и политичка казна за изживување со луѓе кои мислат поинаку, реагираат од опозициската партија.