Синоќешната средба на премиерите на Грција и на Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев, е во фокусот на грчките медиуми. Разговорите во Давос, јавува дописникот на МИА од Атина, се најдоа на насловните страници на весниците, беа прва тема во синоќешните централни изданија на вестите на грчките телевизии, но и денеска, интересот е со ист, зголемен интензитет.
Првичните реакции во медиумите кај јужниот сосед се дека средбата поминала во позитивна клима, а иста е оценката и на грчки владини извори за грчките новинари.
„Подготвени да го пресечат Гордиевиот јазол“ е насловот на текстот во „Етнос“, со коментар дека разговорите биле во многу добра клима, а како главни точки весникот на насловната страница ги одбира, барањето на Ципрас за пакет решение и одлуката за преименување на автопатот и аеродромот. Токму на ова акцентот го става весникот „Ефимерида тон синтактон“, во текстот на насловната страница заедно со фотографија од таблата на аеродромот Александар Велики, пречкртана со црвено и наслов „Кон решение авионски и по автопат“. Весникот коментира дека со именувањата е направен првиот чекор.
– Еден важен потег на добра волја за приближување на двете земји соопшти вчера Зоран Заев по средбата со Алексис Ципрас, коментира „Ефимерида тон синтактон“, пренесува МИА.
Весникот „Авги“ што важи за гласник на СИРИЗА, под наслов „Одрекување од иредентизмот, го отклучува решението“, на насловната страница, пренесува дел од изјавите на двајцата премиери и коментира дека постои договор за интензивирање на разговорите и мерките за градење доверба.
„Никакво обврзување од Заев за промена на Уставот“ е насловот на „Елефтерос типос“, додека пак весникот „Катимерини“ коментира дека Атина на маса го поставила прашањето со иредентизмот, додека пак за Скопје е тешко да се направат уставни промени.
– На вчерашната средба, двајцата премиери ги презентираа нивните основни црвени линии и одредени потези што ќе придонесат за градење клима на доверба, пишува „Катимерини“.
Информативниот портал „Реал“, во анализата за вчерашната средба, коментира дека двајцата премиери се согласија да го интензивираат и да го забрзаат процесот на преговори за името.
– Добрата клима што преовладуваше на средбата беше запечатена со соопштенија за чекори на добра волја од двете страни, со цел да се затопли климата кон јавното мислење што е негативно настроено наспроти вложувањата на двете земји, пишува порталот.
За позитивната клима, јавува дописникот на МИА од Атина, пишува и интернет страницата на грчката државна телевизија.
– Атина позитивно ја оценува средбата на Алексис Ципрас со Зоран Заев, а извори од владата говорат за искрен разговор на кој се отворија сите прашања. Владата посебно истакна дека треба да постои комплетно решение што одново ќе постави темели во односите на двете земји, објави грчката државна ТВ „ЕРТ“.
И за телевизијата „Скај“, грчки владини извори коментирале дека средбата била позитивна и постоел искрен разговор за сите прашања, ја поздравиле одлуката да се преименуваат автопатот и аеродромот, рекле дека е прв чекор напред и дека станува збор за практичен доказ дека Зоран Заев има волја да ги отстрани иредентистичките позиции на претходните влади.
Телевизијата „Стар“, пак, на крајот од текстот го споменува закажаниот протест во Атина, на 4 февруари, за „одбрана на името Македонија“, со коментар дека и кабинетот на Ципрас и министерот за надворешни работи Коѕијас ги минимизираат реакциите, а „грчката страна сака да покаже дека дури и да не постои договор, од нејзина страна ги исцрпела сите можности“.
– Владини извор истакна дека грчката страна треба да се движи на начин на кој ќе и покаже на меѓународната заедница дека била конструктивна и како водечки критериум ја има консолидацијата на стабилноста во регионот. Сепак, Алексис Ципрас, исто така, треба да се соочи со реакциите во внатрешноста на неговата влада, бидејќи Независни Грци, не покажуваат дека ги делат проценките за позитивната клима меѓу двете страни, потенцирајќи дека употребата на терминот „Македонија“, укажува на иредентизам, коментира ТВ Стар, пренесува МИА.