Евроамбасадорот Самуел Жбогар денеска во Битола изјави дека одложувањето на преговорите на политичките партии во вилата „Жан Моне“ е направено поради фактот што се уште не е можно сите политички партии да учествуваат и оти никогаш овој дијалог не бил замислен како дијалог на којшто парламентарните партии би разговарале за прашањето за името.

– Целата идеја за дијалогот „Жан Моне“ е сите политички партии во Собранието на РМ да се соберат на едно место на кое што сакам да нагласам дека нема да зборуваат во врска со прашањето за името, туку состанокот е замислен како средба на која парламентарните политички партии ќе изградат атмосфера по која што ќе имаат подобра комуникација меѓу нив. Оваа понуда дојде од страна на Парламентот на Европската унија, од Европскиот парламент. Таа понуда беше ставена на маса и за да се реализира оваа идеја потребно е учество на сите парламентарни политички партии се со цел да се ангажираат за вистински дијалог, изјави Жбогар.

Состанокот во Париз, како што посочи Жбогар, е одложен за на пролет.

– Ние веруваме дека овој дијалог би бил многу корисен за создавање на добра атмосфера и соработка меѓу парламентарните политички партии кога далеку од Парламентот ќе можат меѓу себе да си изградат поголема доверба и да донесуваат одлуки во Собранието на Република Македонија коишто се директно поврзани со европскиот процес на земјата, рече Жбогар, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Битола.