Основното јавно обвинителство Скопје постапува по кривичната пријава поднесена од Врховниот суд на Република Македонија против поранешната претседателка на Одделот за казниви дела во Врховниот суд, судијката Лидија Неделкова.

Од ЈОРМ за МИА потврдуваат дека кривичната пријава е доставена до Основното јавно обвинителство – Скопје и дека веќе се постапува по неа.

Според претседателот на Врховен суд Јово Вангеловски, тогашниот претседател на Одделот за казниви дела во Врховниот суд на 25 март 2016 година изготвил писмо со невистинита содржина адресирано до Основниот суд Скопје, во кое е наведено дека Одделот за казниви дела го разгледал барањето и дека дал одговор со кој укажал на потребата јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите соодветно да се легитимира по однос на својата надлежност, а поврзано со конкретен кривичен правен настан, иако одделот не одлучувал по тоа барање и не се произнел по барањето.

Писмото, потоа, повторно било заведено со датум од 1 декември 2016 година и било доставено до Основниот суд Скопје.

Како што објави денеска Врховниот суд на својата веб страна, Вангеловски донел одлука со која е констатирано дека согласно судскиот деловник писмата со невистинита содржина на судијата Лидија Неделкова не спаѓаат во категоријата на списи од доверлив карактер.

Поради покажаниот голем интерес на медиумите, а со цел објективно информирање на јавноста Врховниот суд на Република Македонија денеска на веб страната ги објавува писмата, како што е наведено, со невистинита содржина заведни под Дов.бр.8/2016-1 од 25.03.2016 и Дов.бр.8/2016-1 од 01.12.2016 година.