Од денеска, во сила Законот за амнестија, а од понеделник затворите ќе почнат со доставување на досиејата на осудените лица до судовите кои им ги изрекле затворските казни. Од Управата за извршување на санкции велат дека се подготвени за доставување на сите решенија. Законот беше донесен на 15-ти јануари и со него се амнестираат речиси 800 затвореници, а намалување на казната за 30 насто се предвидува за 3.097 осудени лица.
Околу 800 затвореници излегуваат на слобода, а 3.097 ќе одлежат казна помала за 30 насто. Стапува во сила Законот за амнестија. Од понеделник, затворите ќе почнат да ги доставуваат досиејата на осудениците до судовите каде што им биле изречени затворските казни. Решенијата на рака ќе се носат до сите судовите за да не се губи време по пошта, велат од Управата за извршување на санкции.
Од Кривичниот суд, посочуваат дека во текот на денот до нив пристигнале 50 до 100 предмети за амнестијата. За да се запазат законските рокови, судот и стручните служби ќе работат и за викендот. Откако ќе бидат потврдени од кривичните совети предметите, и ќе бидат упатени до Дирекцијата за извршување на санкции. До Кривичен ќе треба да пристигнат 1.500 предмети опфатени со Законот за аменстија, од кои 500 се за целосна амнестија, а другите за делумна.
Од Управата за извршување санкции се подготвени да ги достават решенија што ги ослободуваат осудениците од издржување казна затвор, но брзината на излегување на амнестираните ќе зависи од судовите што ги изготвуваат решенијата.
Законот за амнестија беше донесен на 15-ти јануари. Според Владата, која е предлагач на законот, ќе се заштедат буџетски средства кои би се искористиле за подобрување на условите во казнено- поправните домови, нехуманите услови, потребите од севкупни реформи во правосудниот систем како и подобрување на ресоцијализација на затворениците.
Нема да се амнестираат лица осудени на доживотен затвор и оние кои се барани со потерница и за тешки кривични дела.