Во Кривичниот суд денеска почна судењето на обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.
Села не дојде на рочиштето, а во судницата присутни се десетмината обвинети. Во овој случај обвинети се Кире и Цане Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски - Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски - Кобра.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, беше беше тешко повреден при упадот и насилствата во Собранието на 27 април 2017 година.
За настаните во Собранието веќе се изречени судски пресуди за два предмета. Во првиот, девет лица учесници во насилства добија условни казни, а во вториот случај Панче Ангелов, напаѓачот на Радмила Шекеринска доби казна затвор од четири години.
Во тек е истражна постапка и за предметот што го отвори Јавното обвинителство за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ за што се осомничени 36 лица.