Во Министерството за надворешни работи денеска се одржа комеморативна церемонија и беше отворена изложбата „Изгубениот свет на сефардските Евреи од Западниот Балкан“, по повод 27 јануари - Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот.
Министерката за образование Рената Дескоска во обраќањето потсети дека Македонија водејќи се од трајната заложба и обврска Холокаустот да не биде заборавен во континуитет презема бројни активности на домашен и меѓународен план, од кои особена важност е улогата на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија
- Нашиот ангажман, покрај Холокаустот, ги вклучува и борбата против антисемитизмот, негирањето и искривоколчувањето на Холокаустот, дискриминација по многу основи, говорот на омраза и другите форми на кршење на човековите права кои, за жал, се почесто се присутни во Европа и пошироко, рече Дескоска.
Истакна дека ваквиот приод претставува дополнителен поттик сите ние да се замислиме за користењето и злоупотребата на моќта, за улогата и одговорноста на поединците, организациите и државите кога се кршат човековите права, но, и за унапредување на свеста за вредноста на постоењето и почитувањето на различностите во едно плуралистичко општество.
- Токму од овие причини, фокусот на нашите заложби го ставаме на младите и темите на сеќавањето и одбележувањето на најзначајните датуми, образованието и истражувањето. На денешната изложба наши водичи ќе бидат група на ученици од основното училиште Петар Поп Арсов, преведовме поголем број од основните документи на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот кои се однесуваат на образовниот процес, го поддржавме проектот на Младинскиот образовен форум „Ана Франк - историја за денешнината - рече Дескоска.
Најави дека Македонија се подготвува да одбележи важен и трагичен датум од нејзината историја - 75 годишнината од депортацијата на 7.114 Евреи од Македонија во логорот на смртта - Треблинка, што ќе се случи на 12 март годинава. Таа ја сподели мислата на нобеловецот Ели Визел, човекот кој го преживеал Холокаустот и светски познат писател кој рекол дека без сеќавање нема култура, без сеќавање не би имало цивилизација, ниту иднина.
Претседателката на Еврејската заедница во земјава Берта Романо-Николиќ рече дека Холокаустот останува како општо мерило за најголемото можно зло.
- Вкупно 7.144 Евреи од Македонија беа депортирани и ликвидирани во Треблинка, 98 проценти највисок водечки процент во Европа беа ликвидирани од вкупната еврејска популација на територија според број на население, 90 проценти се деца, убиени во гасни комори, голи под тушеви со отровен гас живи мртви спалени во печка, пепелта расфрлана низ околните полиња. Од Треблинка не се врати ниту еден, потсети Романо Николиќ.
Британскиот амбасадор во земјава Чарлс Гарет потсети на цитатот на Ели Визел, кој бил испратен во Аушвиц на 15 години, кој вели - „спротивно на љубовта не е омразата туку рамнодушноста, спротивно на уметноста не е грдотијата, туку рамнодушноста, спротивно на верата не е ерес, тоа е рамнодушноста, и спротивно на животот не е смртта, тоа е рамнодушноста. Поради рамнодушноста се умира пред да дојде самата смрт“.
- Да се биде на прозорецот и да се гледаат луѓето што се праќаат во конц логори или како се нападнати на улица и ништо да не се направи - тогаш вие сте веќе мртвите. Визел го посвети својот живот да не подучува на ужасите на војната и опасноста да се игнорираат неправдите, за потребата од помирување, рече Гарет.
Германскиот амбасадот во Македонија Томас Герберих рече дека откако ОН го прогласија денот на сеќавање на Холокаустот за првпат во историјата на 27 јануари 2005 година, тогашниот германски министер за надворешни работи Јошка Фишер го нарече тоа како симбол на непочитување на човечките суштества и на геноцидот.
- Аушвиц ќе остане во историјата на човештвото и историјата на мојот народ засекогаш. Оттогаш Германија почувствува специјална посветеност кон Израел како и во борбата против расизмот и антисемитизмот и за помирување и неповредливоста на човековото достоинство. Ова е една од лекциите за борба против тоталитаризмот, фашизмот, но и националсоцијализмот, рече Герберих.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ, Нина Суомалаинен, истакна дека ОБСЕ е посветена на борбата против антисемитизмот, и промовирањето на толеранцијата во своите 57 членки.
- Борбата против антисемитизмот е во центарот на обврските на ОБСЕ за човековата димензија и ја нагласува потребата од конкретни мерки за одржување безбедна средина која ги штити Евреите и еврејските заедници од вознемирување, говор на омраза, насилство и дискриминација, ОБСЕ е посветена и на образовните програми кои се борат против антисемитизмот и обезбедуваат сеќавање за Холокаустот, рече Суомалаинен.
Генералното собрание на ОН на 27 јануари 2005 година, одлучи да им се оддава почит на жртвите на Холокаустот, датумот кога пред 68 години престана да функционира нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц.
На 27 јануари 1945 година Црвената армија на Советскиот Сојуз пристигна во Аушвиц. Тие наидоа на неколку илјади останати затвореници во кампот, кој беше делумно разурнат од Германците кои се повлекуваа. Преживеаните и материјалните докази укажуваа на масовните убиства кои се одвивале во Аушвиц.
Околу 90 отсто од жртвите во најголемиот концентрациски логор на Третиот Рајх беа Евреи. Холокаустот беше систематски прогон и убивање на Евреите, Ромите, Словените,...
Меѓу жртвите на холокаустот беа и 7.200 македонски Евреи. На 11 март 1943 година, 98 проценти од Евреите во Македонија се собрани во скопскиот Монопол, најголемиот број од Битола, Штип и Скопје и испратени во концентарцискиот логор Треблинка каде се убиени во гасни комори. Според податоците од Еврејската заедница во Македонија, денеска во земјава живеат само околу 200 Евреи.
Во знак на сеќавање на депортираните македонски Евреи, во март 2011 година во Скопје беше отворен Меморијалниот центар на жртвите на холокаустот, кој е еден од четирите такви во светот, покрај центите во Израел, Германија и во САД.