Америка е отворена за бизнис, порача денеска американскиот претседател Доналд Трамп во обраќањето на Светскиот економски форум во Давос, во кое ги претстави даночните и регулаторните реформи кои неговата администрација ги спроведе со цел да ја подобри бизнис климата.

Трамп ги поздрави недоамнешните одлуки на компании како „Епл“ да инвестираат милијарди долари во САД, откако беа намалени давачките за доход и за репатрирање на имот од странство.

- Америка доаѓа на прво место. На Американците ќе им обезбедиме можности да имаат одлична работа, сигурен дом и подобар живот за нивните деца, изјави Трамп.

Тој додаде дека САД веќе нема да дозволат некоректни трговски односи со другите држави од светот.

- Не можеме да имаме систем на отворена и слободна трговија ако другите тоа го злоупотребуваат, изјави Трамп.

Под раководство на Трамп, САД се повлекоа од Договорот за слободна трговија на Пацификот, кој сега се обидуват да го постигнат преостанатите пацифички држави.