Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на маргините на Светскиот економски форум во Давос се сретна со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.
И Димитров и Хан информираа за средбата на своите налози на Твитер, пренесува МИА.
Хан напиша дека тој и шефот на македонската дипломатија разговарале за чекорите кои Македонија ги презема на патот кон Европската унија.
– Или ќе го направиме Балканот стабилен со силни институции и функционална демократија или ќе имаме регион, кој ќе биде во постојана криза. За Европа и за регионот многу подобра е првата опција, порача Димитров на својот налог на Твитер.
На маргините на Форумот во Давос шефот на македонската дипломатија имаше средба и со бугарскиот премиер Бојко Борисов и поранешниот британски премиер Тони Блер.
Димитров во рамки на 48. годишен состанок на Светскиот економски форум вчера учествуваше како дискутант на неформалниот собир на светски економски лидери на тема: „Идентитет, интеграција и миграција“.
На маргините од Форумот вчера Димитров имаше билатерални средби со министерите за надворешни работи на Албанија Дитмир Бушати, на Швајцарија Ињацио Касис, министерот за европски прашања на Црна Гора Александар Пејовиќ, со министерот за надворешни работи и соработка на Шпанија Алфонсо Дастис, како и со европратеничката Мариетче Схааке.