Премиерите на земјите членки на Вишеградската четврока - Полска, Словачка, Унгарија и Чешка, на денешната средба во Будимпешта го повторија своето несогласување со политиката на ЕУ кон миграцијата и повикаа на создавање „нов проект“ за Европа.
Домаќинот на средбата, унгарскиот премиер Виктор Орбан. нагласи дека четирите земји се согласни оти во нивни интерес е постоењето на силна Европа, но дека е потребно зачувување на независноста на земјите членки на ЕУ, а не создавање на „Соединети Европски Држави“.
- На Европа и е потребен нов проект. Ние не сакаме империја. Нам ни треба унија на слободни држави, изјави Орбан на заедничката прес-конференција по средбата.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјави дека силна и интегрирана Европа треба да се гради како заедница на суверени национални држави, а не по моделот на централизирана федерација, како што, според него, сакаат западните земји.
Слоавчкиот премиер Роберт Фицо, пак, нагласи дека членките Вишеградската четворка не сакаат во нивните земји, кои, како што рече, се со „христијански корени“, да се формираат муслимански заедници.
На средбата во Будимпешта четворицата премиер усвоија документ во кој се изразува нивната заедничка позиција дека по истапувањето на Велика Британија од ЕУ, потребни се разговори за иднината на Унијата.
Во декларацијата се бара институциите на ЕУ „да имаат еднаков однос кон сите земји членки“ и да дејствѕваат во рамки на нивните надлежности. - Треба да се почитува правото на земјите членки да спроведуваат внатрешно политички реформи, се нагласува во документот.
Според четворицата премиер, во врска со миграцијата, фокусот треба да биде насочен кон одговорна и функционална заштита на надворешните граници на ЕУ и да се укине наметнувањето задолжителни квоти за пререспределба на мигрантите, кои, како што стои во документот, „се неефикасни и веќе создадоа поделби во Европа’“.