Рускиот претседател Владимир Путин се пошегува дека е навреден оти не се најде на т.н. „Кремљска листа“ на САД, оценувајќи ја како „непријателски чин“ и истакна дека Москва засега ќе се воздржи од одговор.

Путин објасни дека не ја видел листата, но бил информиран од колеги уште утрово.

- Ја очекувавме таа листа и нема да кријам, бевме подготвени да преземеме соодветни мерки и тоа сериозни, кои би ги довеле нашите односи на нула. Засега ќе се воздржиме од тие мерки, изјави Путин на средба со претставници на неговиот штаб за претседателските избори во март.

Според него, тоа е непријателски чин кој ги усложнува руско-американските односи и е штетен за меѓународните односи.

- Тие треба да одлучат што сакаат. Ние знаеме што сакаме - да градиме долгорочни, стабилни односи, базирани на меѓународното право, рече Путин.

Рускиот претседател предупреди дека Русија нема да прави бесконечно отстапки и побара веќе да не се троши време на „Кремљската листа“, бидејќи, според него, „кучето лае, карванот си врви“.

Рускиот премиер Дмитриј Медведев исто така шеговито ја искоментира листата на САД и рече дека доколку некој министер не се наоѓа на списокот, тоа е повод тој да си поднесе оставка.

Медведев истакна дека „Кремљската листа“ нема никакво значење.