До доцна синоќа во погонот на текстилната фабрика „Веибо Груп“ во Крива Паланка траеја преговорите на иницијативниот одбор на поранешните вработени и менаџерката, Кристина Јакимовска, за побарувањата на работниците од фирмата- три неисплатени плати, придонеси за здравство и ПИО и исплата на прекувремените работни часови.
Откако менаџерката синоќа пристигна во фирмата вработените го блокираа влезот на погонот, инсистирајќи на средба.
Иницијативниот одбор од Јакимовска побара да се направи рамковен договор, со конкретни рокови, во кои фирмата ќе ги подмири побарувањата, а истиот, според неа, треба да го потпишат сите вработени, со заверени полномоштва.
На средбата пристустуваше и градоначаникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, кој побара што поскоро да се најде излез од ваквата состојба која е исклучително неповолна за сите.
Јакимовска најави дека се во преговори со две фирми, од кои едната од текстилниот сектор, за да можат да ја рестартираат компанијата.
Средбата се одржа по петдневните протести и блокади на 210-те вработени на магистралата А2, Куманово –Крива Паланка, кои од први месецов останаа без работа, по истекот на договорите за вработување и најавите на раководството за затворање на погонот.
-Денес ние консултиравме правници и не можеме сите вработени да ги изложуваме на трошоци, на нотар да платат полномоштво, за да ние како иницијативен одбор потпишеме некава спогодба која во процесот понатаму може да биде ништавна и да не врати на почетна состојба, да мораме да поднесуваме тужби доколку рокот за исплата на заостанатите плати од страна на „Веибо“ не биде запазен. Бараме да се потпише извршна клаузула со која ќе се стави под залог нивниот имот, со гаранција дека доколку не ги добиеме платите имотот преку јавна аукција ќе биде предмет на наплата на средствата. Нема да се согласиме на документ кој само ќе им послужи на одговорните да си купат време – истакнаа денес од Иницијативниот одбор.
Поддршка на работниците им даде и здружението на чевларски, кожарски и текстилни работници „Гласен текстилец“, Штип.
-Логистички им помагаме, во консултации сме со правни лица од граѓанскиот сектор кои би можеле да дадат права помош и правно советување со што вработените ќе можат да се заштитат и се надеваме обесштетат – изјави Кристина Ампева од „Гласен текстилец“, Штип.